Тимот на Манчестер Јунајтед синоќа на гостински терен кај Лестер забележа победа од 0:3 во дуел во кој доминираше. Конечно, ја покажа силата, квалитетот и објективната надмоќ над противникот, и истото беше преточено и во резултатот на крајот од мечот.
Менаџерот Рубен Аморим задоволен од изведбата која што му донесе на Јунајтед значајни бодови и мир пред двонеделната репрезентативна пауза.
“Одигравме добар натпревар. На моменти ни недостигаше енергија, но тимот го даваше максимумот. Некои играчи беа уморни, но мислам дека заслуживме да победиме. Ја контролиравме играта и подобро ја игравме топката. По овие две недели ова беше совршен крај. Ова е важна победа и за нашите навивачи кои повторно беа со нас, тие се неверојатни”, изјави Аморим, а потоа го прокоментира настапот на Бруно Фернандеш и на Расмус Хојлунд.
“Што ни дава Бруно Фернандеш? Го гледате секоја недела. Најважно е да не престане да работи за тимот. Голот на Расмус беше тежок. Не беше лесно да се контролира топката со десната нога”, додаде Португалецот.
Лошата вест за Манчестер Јунајтед на овој натпревар беше повредата на талентот во подем Ејдан Хевен.
“Сè уште не знам колку е сериозно, ќе дознаеме во текот на неделата. Одигра одлично против Арсенал и Реал Сосиедад. Денеска беше најтешкиот натпревар за него и за мене, бидејќи се надевав дека ќе можам да одморам, но тој беше многу фокусиран”, додаде Аморим.
Конечно призна дека се радувал на паузата во првенството.
„Денеска моите играчи го достигнаа својот максимален капацитет. Ќе го искористиме овој период за одмор и опоравување. Тоа е добро. Чувството е поинакво. Кога ќе се вратиме по паузата, можеме да почнеме од почеток“, заклучи Аморим.